Денеска во 10 часот по московско време руските сили ќе го прекинат огнот за да овозможат хуманитарни коридори од украинските градови Мариупол и Волноваха, соопшти руското Министерство за одбрана.
Русија и Украина на разговорите во четвртокот се согласија дека треба да се воспостават хуманитарни коридори и прекин на огнот.
Мариупол, стратешко пристаниште во источна Украина, е под опсада и блокада и трпи немилосрдни напади од руските сили, изјави денеска градоначалникот – Вадим Боиченко, на десеттиот ден од руската инвазија.
За викендов е договорена третата рунда преговори меѓу руската и украинската страна.
„Веќе пет дена нашиот град, нашите семејства и половина милион жители се под немилосрдни напади“ – напиша на Телеграм градоначалникот Боиченко.
Во градот нема струја и вода, а властите велат дека не можат да ги евакуираат ранетите.