Започнува 47-от МОТ

Младинскиот културен центар (МКЦ) ги прави последните подготовки за вечерашното отворање на 47. Интернационален театарски фестивал „Млад Отворен Театар“.

Но, средствата кои МОТ ги доби годинава од Министерството за култура и од Град Скопје се 60 отсто помали од претходните години и изнесуваат вкупно 56 .000 евра. Затоа во програмата доминираат домашните, наспроти претставите од странство, бројот на изведувачи е до четири, а изведбите се кратки.

Дополнителен удар на фестивалот предизвикала економската криза со порастот на цените за хотелско сместување, транспорт на сценографија и авиобилетите кои скокнале два до три пати од пред пандемијата. Во тие околности невозможно е да се донесат големи светска театарска продукции како Остермаеровиот „ Галеб“ во 2016 година, зашто тие чинат колку што е годинашниот буџет на МОТ, вели Арсов.

Сепак има и една убава новина. Осум домашни претстави  ќе се натпреваруваат за наградата која го носи името на основачот на МОТ –  Љубиша Никодиновски- Биш, кој почина летово. А, победникот ќе добие награда од 3.000 евра и можност за копродукциски проект со МОТ за следното издание. Фестивалот ќе трае до 19 ноември.