Започна Соборот на СПЦ, во очекување за став за разговорите со МПЦ-ОА

Во Сремски Карловци денеска започна седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), а работниот дел ќе продолжи во Белград, по што се очекува да биде соопштено до каде се разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија“, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.

Засега отсуствува реакција на СПЦ на одлуката на патријархот Вартоломеј.

На одлуката на вселенскиот патријарх реагираше Руската православна црква (РПЦ), преку изјава на секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протојереј Игор Јакимчук, кој нагласи дека „РПЦ ги признава ексклузивните канонски права на СПЦ во Македонија“.

Во пресрет на денешниот Собор на СПЦ, група од триесетина општествени, научни, просветни, здравствени и културни работници од земјава вчера упатија писмо со вселенскиот патријарх Вартоломеј со кое ја поздравуваат неговата, како што ја нарекуваат „историска одлука“ за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство со другите православни помесни цркви.