Започна реконструкцијата на аеродромот во Охрид

Започна реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Градежните работи кои беше најавено дека ќе му дадат целосно нов лик на аеродромот, е предвидено да завршат до крајот на мај. Проектот ќе обезбеди 4.500 метри квадратни функционален простор. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека овој момент е историски за Охрид и охридското крајбрежје.

-Со оваа реконструкција се зголемуваат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Се надевам дека во предвидениот рок се ќе биде завршено. Во првите два месеца од годинава на скопскиот аеродром има 30 отсто зголемување на бројот на патници, а на охридскиот за околу 20 отсто. Годинава очекуваме двоцифрен раст на патници на двата аеродрома. Разговараме со голем број тур-оператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден сме пред склучување договор, кој надвор од сезоната ќе донесе околу половина милион ноќевања – истакна Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изрази надеж дека отворањето на реконструираниот дел ќе биде во јули.

-Почнува сериозна реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром. Ова се случува првпат откако аеродромот е изграден. Проектот треба да донесе 4.500 метри квадратни функционален простор, што е околу 2.500 повеќе од постојниот. Тоа ќе значи можност за многу повеќе патници, нивно попријатно чувство кога ќе слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром, ќе значи и многу повеќе можност за туризам, за бизнис и поврзаност. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни – рече Николоски.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, во текот на градежните активности, функционалното работење на аеродромот ќе продолжи.