Во населбата Ѓорче Петров, рано утринава бил запален автомобилот на Драган Митковски, соработник на градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска.
Митковски беше носител на листа на последните парламентарни избори од партијата Нова Алтернатива.
„На 09.08.2024 во 03.05 часот од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје во СВР Скопје е пријавено дека на територија на Општина Ѓорче Петров било опожарено патничко моторно возило ‘мерцедес а класа’ со скопски регистерски таблички, сопственост на правно лице од Скопје. Од пожарот зафатени се и патничко моторно возило ‘хјундаи’ и ‘сузуки свифт’ во делот на браниците и ретровизор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, велат од Министерството за внатрешни работи.
Според партиски извори, Арсовска и Митковски по изборите ги заладиле односите, а кавгата се однесувала за серијата на разрешувања на директори на три јавни претпријатија.
Арсовска ги смени директорите на ЈП Водовод и канализација, Градски паркинг и на Комунална хигиена.