Два камиона се опожарени синоќа по полноќ (9 јули) во Северна Митровица, а во тој пожар е оштетено и едно патничко возило. Пожарот најверојатно бил подметнат, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.
Тој изјави дека засега нема осомничени, а истрагата е во тек, но дека не може да соопшти повеќе детали.
РСЕ дознава дека сопствениците на камионот се Албанци кои имаат бизнис на големо во Северна Митровица, додека оштетеното патничко возило е сопственост на Србинот Д.П.
На пожарот кој ги зафатил камионите му претходеле три детонации.
На северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, оваа година беа забележани неколку слични инциденти. На почетокот на јуни изгореа два автомобили на истата локација како и синоќа. На почетокот на април на припадник на граничната полиција на Косово му беше запален автомобилот во Северна Митровица. Во март изгоре и ресторан во сопственост на тогашната заменик-градоначалничка на Звечан, Наташа Томаниќ. Таа и властите рекоа дека се сомневаат дека пожарот бил намерно подметнат.