По победата на претседателските избори, Доналд Трамп започна интензивна дипломатска активност по телефон, и според републиканецот, во изминатите неколку дена разговарал со околу 70 светски лидери.
„Вашингтон пост“ пишува дека Трамп телефонски разговарал со шефот на руската држава Владимир Путин, за војната во Украина. Трамп, кој му се јави на Путин во четвртокот од неговиот имот на Флорида, го советувал рускиот претседател да не ја ескалира војната и го потсети на значителното американско воено присуство во Европа, изјавија неколку официјални лица запознаени со ова прашање, според Вашингтон пост. Освен тоа, Трамп и Путин разговарале и за начините за постигнување мир на европскиот континент и изразиле интерес за понатамошни разговори за „наскоро решавање на војната во Украина“, пишува и американското издание.
Телефонскиот разговор меѓу новоизбраниот американски претседател и шефот на руската држава се одвивал во позадина на општа неизвесност како Трамп ќе ја преуреди светската дипломатска шаховска табла по неговата решавачка победа, коментира „Вашингтон пост“. Трамп изјави за Ен-Би-Си дека по изборите разговарал со околу 70 светски лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во разговорот се вклучил и Илон Маск
Првите телефонски разговори на Трамп со светските лидери не беа спроведени со поддршка на американскиот Стејт департмент, ниту со помош на преведувачи од американската влада. Тимот на републиканската транзиција се уште нема потпишано договор со општите административни служби, што е стандардна процедура при изборот на нов претседател, пишува Вашингтон пост.
За време на неговата претседателска кампања, републиканецот рече дека веднаш ќе стави крај на воениот конфликт во Украина, иако не даде детали како точно има намера да дејствува. Трамп во приватни разговори истакна дека ќе поддржи договор кој предвидува Русија да задржи дел од освоените територии, додава „Вашингтон пост“.
„Њујорк пост“ потсетува дека потпретседателот на Трамп, Џеј Ди Венс, јавно изложи малку поконкретен план, кој вклучува создавање на демилитаризирана зона меѓу двете завојувани земји и ветување дека Украина нема да се приклучи на НАТО. Зеленски тогаш го нарече Венс „радикал“ и го отфрли тој план. Украинскиот претседател инсистира на враќање на границите на неговата земја од 1991 година, што би значело контрола над Крим и Донбас, посочува Њујорк пост.
Британскиот весник „Телеграф“ се задржува на уште еден детал од сложената слика за идната политика на Трамп кон Украина – од изборниот штаб на Трамп, овој викенд сигнализираа дека Киев најверојатно ќе мора да отстапи територија во замена за мир. Сепак, портпаролот на Трамп ги отфрли зборовите на Брајан Ланза одф изборниот штаб и истакна дека тој не зборува во име на новоизбраниот претседател, додава „Телеграф“.
Гардијан се фокусира на домашната политичка динамика во САД по победата на Трамп. Бајден го покани Трамп во Овалната соба во средата и саботата, а советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан посочи дека главната порака на шефот на државата во заминување е да се обезбеди мирна транзиција на власта. Освен тоа, Бајден со Трамп разговарал и за ситуацијата во Европа, Азија и Блискиот Исток, пишува „Гардијан“.
„Претседателот Бајден ќе има можност во следните 70 дена да ги убеди Конгресот и следната влада дека САД не треба да се повлечат од Украина, дека повлекувањето од Украина значи поголема нестабилност во Европа“, рече Саливан, цитиран од Гардијан.
Според податоците на Канцеларијата за отчетност на владата на САД (Government Accountability Office), за време на администрацијата на Бајден, Конгресот одвоил над 174 милијарди. долари за Украина, објави Дејли Стар. Речиси е сигурно дека темпото на доделување помош ќе се намали за време на Трамп, бидејќи републиканците ќе ја преземат контролата врз Сенатот со мнозинство од 52 места, коментира изданието. Се уште не е јасно кој ќе доминира во Претставничкиот дом, бидејќи пребројувањето на гласовите се уште не е завршено.
Доколку републиканците ги освојат двата дома, тоа ќе значи дека поголемиот дел од програмата на Трамп ќе биде многу полесно прифатен од Конгресот, коментира „Дејли стар“. Републиканскиот сенатор Бил Хагерти, сојузник на Трамп кој се сметаше за главен кандидатфункцијата државен секретар, го критикуваше американското финансирање за Украина. „Американскиот народ сака суверенитетот да биде заштитен овде во Америка пред да ги трошиме нашите средства и ресурси за да го заштитиме суверенитетот на друга земја“, рече Хагерти, цитиран од Дејли Стар.