
Западна Грција и Крф повторно погодени од силно невреме
За помалку од една седмица, западна Грција и Крф повторно се погодени од силно невреме со обилен дожд, што предизвика материјална штета, поплавени улици, одрони, проблеми на патната мрежа, а синоќа, со пораки од бројот 112 за итни случаи беше побарано од сите оние што се на Крф и во областа Етолоакарнанија да ги ограничат нивните движења.
За помалку од една седмица, западна Грција и Крф повторно се погодени од силно невреме со обилен дожд, што предизвика материјална штета, поплавени улици, одрони, проблеми на патната мрежа, а синоќа, со пораки од бројот 112 за итни случаи беше побарано од сите оние што се на Крф и во областа Етолоакарнанија да ги ограничат нивните движења, јави дописничката на МИА од Атина.
На островот Крф, утрово ситуацијата е подобрена, во одредени делови училиштата се затворени, има проблеми со снабдувањето со електрична енергија, додека пак синоќа со чамци интервенираше специјалната единица за справување со катастрофи на противпожарната служба.
Во областа Епир, особено во околината на градот Јанина и планинските села има одрони и лизгање на земјиштето.
Поради невремето под името „Адел“ во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција континуирано се одржуваат состаноци, издадени се и „RED CODE“, односно црвено ниво на предупредување за низа региони и општини, поконкретно за Јонските острови, Епир, западна, северна и североисточна Грција и Пелопонез, а во текот на денот ќе се вклучат и островите од северниот и јужниот дел на Егејското Море.
Според најавите и прогнозите, новиот бран се очекува да трае до утревечер.