„Заминува обвинител кој броеше обвиненија, а не резултати”, жестока критика за Коцевски

Адвокатот Владимир Туфегџиќ со остра критика реагираше на оставката и јавното обраќање на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оценувајќи дека тој си заминува од функцијата „тивко, празно, анемично и без поента“, исто како што, според него, и бил избран.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ со остра критика реагираше на оставката и јавното обраќање на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оценувајќи дека тој си заминува од функцијата „тивко, празно, анемично и без поента“, исто како што, според него, и бил избран.

Туфегџиќ наведува дека Коцевски во своето заминување се повикал на политички „линч“, иако, како што потенцира, бил избран зад затворени врати, без вистинска конкуренција, транспарентна и отворена постапка. Според него, доволно говори и фактот што новинарите на прес-конференцијата останале без инспирација за прашања.

Адвокатот дополнително критикува дека во обид да се прикаже како доследен заштитник на законитоста, обвинителот самиот ги набројувал своите „успеси“, јавно споменувајќи лица против кои се водат постапки, со што, според Туфегџиќ, директно ја прекршил презумцијата на невиност.

„Уште еден државен обвинител кој не спомнува политика кога го бираат, тогаш е најстручен и најпрофесионален, а кога го разрешуваат – тоа е политички линч. Историскиот успех се мери со број на обвиненија, како на лента, небаре обвинителството е фабрика за производство на обвиненија, а за нивниот епилог – ниту збор“, оценува Туфегџиќ.

Тој додава дека за неуспесите редовно се обвинува судот, додека обвинителството, и покрај, како што вели, климави и празни обвиненија, останува без одговорност.

Како пример за, според него, спорни потези, Туфегџиќ го наведува и формирањето тим од 15 обвинители за предметот „Пулс“ во Кочани, со образложение дека тоа било за да нема одлагање на судењата, споредба која ја оцени како апсурдна, наведувајќи дека дури и Нирнбершкиот процес имал четворица обвинители.

Туфегџиќ смета дека новиот државен јавен обвинител треба сериозно да ја преиспита законитоста на дел од обвиненијата кои денеска се претставуваат како успех.

„Време е да добиеме државен јавен обвинител со авторитет, избран во транспарентна постапка, кој ќе остави обвинителство со ред, јасни и унифицирани правни стандарди и еднаков пристап кон сите предмети и сите странки“, порачува Туфегџиќ.