Заменик министер за транспорт: Седум месеци затвор доби лицето кое го прегази мојот сопруг, не барам одмазда – барам правда

Седум месеци затвор добило лицето кое пред три години го прегазило Арбер, сопруг на Калтрина Зеколи Шаќири, која денеска на прес-конференција го повика Обвинителството да се жали на пресудата на Основниот суд.

Седум месеци затвор добило лицето кое пред три години го прегазило Арбер, сопруг на Калтрина Зеколи Шаќири, која денеска на прес-конференција го повика Обвинителството да се жали на пресудата на Основниот суд.

– Денеска стојам пред вас со врзани раце. Законот не ми дава право на жалба. Но, обвинителството има, и денес јавно му се обраќам: Барам жалба на пресудата. Барам праведна казна. Барам животот на еден човек да не се вреднува со одлука што наликува на лесен прекршок. Не барам одмазда. Не барам емоционална казна. Барам правда за моето семејство, но и за секој граѓанин. Зашто денес сум јас, утре може да биде некој друг. Кога правдата потфрла во еден случај, ризикува да потфрли во сите, рече Зеколи Шаќири.

На 17 ноември пред три години сопругот на Зеколи Шаќири загинал во сообраќајна несреќа кога возило на улица му го одзело животот. Од тогаш нејзиниот, животот на нејзините деца и семејство комплетно се промениле и тие живеат со секојдневна болка од загубата, додека лицето што ја предизвикало трагедијата било на слобода.

– Три години чекавме правда. Чекавме фер процес и одлука што ја одразува тежината на еден изгубен живот. Но, пресудата што беше донесена неодамна навистина беше шокантна. Само седум месеци затвор, со право на жалба. Сакам да бидам јасна: Кривично дело за кое се обвинува осомничениот е член 300 став 4 од Кривичниот законик, кој предвидува казна од 1 до 5 години затвор. Изречената казна од Основниот суд е во целосна спротивност со тежината на делото, со трагичните последици од неговите постапки и со судската практика за ваквите случаи, рече Зеколи Шаќири.

Иако поминале три години од несреќата, судскиот процес започнал во мај, а пред неколку дена има одлука, вели таа додавајќи дека нивниот правен застапник поднел барање до обвинителството пресудата да се обжали.

Како последица од сообраќајната несреќа, рече таа, еден млад човек го загуби животот, оставајќи зад себе семејство и две малолетни деца, а уште едно лице доби телесни повреди. Според Зеколи Шаќири, затоа само седум месеци затвор за дело со вакви тешки последици не е казна, туку тоа е неправда уште поголема од првата, а овојпат неправдата доаѓа од самиот суд. Во судницата рече дека не се почувствувала заштитена, ниту пак слушната, како и дека судијката Драгана Исаковска и се обратила со „висок тон“ иако, како што вели, реагирала природно како жена што загубила се.

Калтрина Зеколи Шаќири, која во моментов ја извршува функцијата заменик министер за транспорт, вели дека разбира и дека е свесна оти повикот до обвинителството и нејзината реакција може да бидат пречекани со толкувања, извртувања и сомнежи, но посочи дека полесни и се соочувањата со товарот од таквите реакции отколку да остане тивка пред неправдата кон сопругот и нивните деца.

– Болката не се дели со никого. Ние ја носиме во себе, учиме да живееме со неа и ја претвораме во сила. Но денес сум тука искрена, скршена, и со единствена надеж дека овој јавен апел нема да падне на глуви уши, рече Зеколи Шаќири.