Законот за игри на среќа, со кој требаше казината да се оддалечат на 500 метри од училиштата не го помина второт собраниско гласање откако не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски. За овој закон да биде усвоен требаше апсолутно мнозинство од 61 пратеник, а за него гласаа само 51, односно фалеа дури 10 гласови.
Законот со месеци предизвикуваше реакции во земјата, а беше вратен од претседателот Пендаровски, кој побара да помине низ јавна расправа место да се прифати по скратена постапка со европско знаме. Асоцијација на приредувачи на игри на среќа тврдеше дека донесувањето на овој закон ќе остави илјадници граѓани без работа оти ќе бидат затворени речиси сите казина и обложувалници низ Скопје.
„Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој закон“, велат од Собранието.