Законот за здруженија оди на оценка во Венецијанската комисија?

Бугарија притиска – Македонија попушта. Сѐ поизвесно е дека новиот закон за здруженија оди на оценка во Венецијанската комисија. Македонската страна тактизира, откако Бугарија виде провокација во документот, а лидерот на ГЕРБ Борисов побара одложување на неговата примена сѐ до официјалното мислење на комисијата.

И додека се чека официјална владина одлука, Министерството за правда се правда: „Причините за испраќање на законот се превентивни.“ Велат, мислењето на Венецијанската комисија е добредојдено, а исходот можеби ќе оди во наш прилог.

„Дипломатска егзибиција на шефот на дипломатијата“, вака опозицијата одговори на намерите за испраќање на законот за здруженија до Венецијанската комисија.

Власта и опозицијата, на две дијаметрално спротивни страни и на тема уставни измени. И по лидерската, не мрднаа ниту милиметар од своите првичните позиции. Обидот за уставни измени е дефокусирање на јавноста, бидејќи јасно е дека нема двотретинско мнозинство, а уште појасно дека не е времето на Преспа, порача Мицкоски, и по кој знае кој пат излезот го посочи во брзи предвремени парламентарни избори.

Процесот на уставните измени да се гледа низ призмата на ЕУ, втората стратешка цел на Македонија – наместо конкретен одговор, во дипломатски стил, собранискиот спикер Џафери потенцираше дека измените не се работа на мнозинство, бидејќи за политичките субјекти не е проблем вметнувањето на други заедници во Уставот.