Законите за коридорите со европско знаменце денеска на собраниска седница

Петте предлог закони на кои Владата во петокот им стави европско знаменце, а кои се потребни за исполнување на договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д, се доставени во Собранието и според најавите денеска треба да бидат ставени на дневен ред пред пратениците.

Меѓу нив се и предлог измените на законот за зголемување на часовната работна недела што предизвика бурни реакции во јавноста, а чиј предлагач е Владата на чело со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Според информациите до кои дојде Телма во членот еден се додава нов став со кој се дава можност местото и начинот на исплата на платата на работниците на проекти од национален и стратешки интерес за РМ, да се регулира со подзаконски акти, кој ќе ги донесе министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика што пак е спротивно на законот за работни односи и се дава преголема можност на министерот самоволно да одлучува како ќе се исплаќа платата на голем број на работници кои ќе работата во иднина на стратешки и национално важни објекти во државата.

Според постоечкиот закон прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, а во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно, но во новиот Предлог-закон се дава можноста прекувремената работа да трае подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно.

Во новиот Предлог-закон дополнително се воведува и можноста за работа во недела.

Според постоечкиот закон за работни односи, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.