Државниот јавен обвинител – Љубомир Јовески вчера преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година.
Заканата, која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и англиски јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, доби закана по неговиот живот. Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена, бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување. Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата“ – се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.
Од Обвинителството најавуваат дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и пронаоѓање на лицето кое ја експедирало.