Закажано е првото рочиште за нападот над Кристијан Пендиков

Основниот суд во Охрид за 28 февруари го закажал првото рочиште против напаѓачот над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Кристијан Пендиков, објави телевизија Телма.
Процесот ќе го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди поради нанесување тешки телесни повреди поради омраза (национална и етничка припадност).

Напаѓачот на Пендиков обвинет за нанесување тешка телесна повреда од омраза

Веста за закажувањето на првото рочиште доаѓа само 10 дена откако Основното јавно обвинителство – Охрид го поднесе обвинението против две лица за нападот над Пендиков. Едното лице останува непознато и по него се уште се трага, додека другиот, притворен напаѓач, досега се бранеше со молчење.

Според верзијата на обвинителството:

„На 19 јануари, во кафе-бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“ – наведоа од Обвинителството кога го објавија обвинението за случајот Пендиков.

Нападот над Пендиков предизвика бура во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, речиси веднаш откако младиот охриѓанец беше нападнат.