Во 21:30 часот вечерва ќе се одржи вонредна седница на Советот на Општина Неготино на која ќе биде активиран и кризниот штаб, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи.
После седницата ќе следи детално соопштение за пожарот на Конечка планина (Серта) и планираните активности за негово гаснење.
Врз основа на информациите од ЦУК, околу 17:30 часот хеликоптер дејствуваше на пожарот кај неготинското село Пепелиште, линијата на фронтот на пожарот тогаш беше подолга од еден километар. Се работи за пожарот што избувна околу 10:30 часот на отворено во атарот на Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука Пепелиште, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.
– После неуспешниот обид од страна на питомците пожарот да биде ставен под контрола, тој се проширил и се движи во насока кон сртот на Конечка планина (планина Серта) од десната страна на регионалниот пат Неготино – Штип. Линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар. Во овој момент не е загрозено населено место ниту има таква тенденција, но пожарот се движи кон два далеководи од кои едниот од 410 киловолти се исклучил самиот а другиот од 110 киловолти е се уште во функција, соопштија тогаш од ЦУК.