Следниот месец јапонските одбранбени сили за првпат ќе учествуваат на воени вежби во Индонезија заедно со САД и Австралија, изјави денеска јапонскиот премиер Фумио Кишида по разговорите со индонезискиот претседател Џоко Видодо.
Двајцата лидери, исто така, се согласија дека двете земји треба поблиску да соработуваат во областа на енергетиката, а Кишида рече дека Индонезија е „клучен стратешки партнер на Јапонија“. Заедничките воени вежби се наречени штитот Гаруда, а ќе се одржат во Индонезија почнувајќи од 1 август годинава, додаде Кишида.
Вашингтон рече дека вежбите, во кои обично се вклучени само Индонезија и САД, ќе бидат „значително поголеми по обем“ отколку во претходните години. Договорено е и Јапонија да и одобри заем на Индонезија во износ од 318 милиони долари за инфраструктурни проекти и превенција од катастрофи, посочи Кишида.