По воспоставувањето на Меѓународната кримска платформа на инаугуративниот самит одржан во Кијив на 23 август 2021 година, како и одржувањето на нејзиниот втор самит на 23 август 2022 година, претставниците на националните парламенти и парламентарните собранија на меѓународните организации кои учествуваат на Меѓународната кримска платформа (понатаму во текстот: Учесниците) се собраа во Загреб, Хрватска на 25 октомври 2022 година за да го одржат Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, чиј заеднички домаќини се Република Хрватска и Украина.
Потврдувајќи ја заложбата на учесниците за суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници,
Повторувајќи го непризнавањето на учесниците и континуираната осуда на привремената окупација и нелегалната анексија на Автономната Република Крим и градот Севастопол, како и сите други окупирани територии на Украина, како што се областите Луганск, Донецк, регионите Запорожје и Херсон, што претставува директен предизвик за меѓународната безбедност со сериозни импликации за меѓународниот правен поредок,
Потсетувајќи на одредбите од Заедничката декларација за Меѓународната кримска платформа, усвоена во Кијив на 23 август 2021 година и од Заедничката изјава на учесниците на Меѓународната кримска платформа на вториот самит одржан на 23 август 2022 година,
Имајќи ја предвид резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации A/RES/68/262 „Територијалниот интегритет на Украина“ и последователните резолуции за „Состојбата со човековите права во Автономната Република Крим и градот Севастопол, Украина“, и за „Проблемот со милитаризацијата на Автономната Република Крим и градот Севастопол, Украина, како и делови од Црното Море и Азовското Море“,
Потсетувајќи на резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации A/RES/ES-11/1 „Агресијата против Украина“, усвоена на 2 март 2022 година, A/RES/ES-11/2 „Хуманитарните последици од агресијата против Украина“, усвоена на 24 март 2022 година и A/RES/ES-11/4 „Територијалниот интегритет на Украина: одбрана на принципите на Повелбата на ОН“, усвоена на 12 октомври 2022 година,
Сфаќајќи дека поради долгогодишното непочитување на меѓународното право од страна на Руската Федерација, патот кон ставањето крај на самоволието, ослободувањето на политичките активисти од затворите, спречувањето на нови злосторства против човештвото и груби злоупотреби врз украинското население, особено кримските Татари, води преку деокупација на Крим и другите делови од територијата на Украина,
Барајќи Руската Федерација да ја отповика својата одлука да го нарекува кримско-татарскиот Меџлис екстремистичка организација и апелирајќи да му ги врати неговите права и да им дозволи на неговите лидери повторно да влезат на Крим,
Препознавајќи ја суштинската улога на новинарите, активистите, бранителите на човековите права и невладините организации (НВО) во документирањето и откривањето на повредите и злоупотребите на човековите права и затајувањето на санкциите,
Признавајќи го централното место во воспоставувањето на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа на Меѓупартиската асоцијација создадена во Врховната Рада на Украина во декември 2020 година, која има за цел да промовира активна соработка за прашањата од доменот на Меѓународната кримска платформа во рамките на парламентарните собранија на меѓународните организации, вклучително и со Учесниците,
Поздравувајќи ги напорите на поединечните земји и меѓународните организации за формирање на Групи за поддршка на Кримската платформа во нивните соодветни парламентарни тела,
Заклучувајќи дека формирањето на Групи за поддршка на Кримската платформа во парламентите на учесниците може да биде предмет на дискусии во соодветните парламентарни комисии со учество на членовите на групите за пријателство со Украина,
Учесниците со ова се согласуваат дека стратешката цел на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа е да се воспостави и спроведе ефективна парламентарна димензија на соработка меѓу Учесниците со цел да се придонесе за подигање на глобалната и домашната свест за ситуацијата на Кримскиот Полуостров кој е под привремена руска окупација.
Учесниците ги осудуваат
· тековните сериозни и систематски прекршувања и злоупотреби на човековите права на полуостровот Крим, особено незаконското или произволното притворање на жителите на Крим, вклучително и кримските Татари, нарушувањето на семејното единство, присилното регрутирање на Украинците и кримските
Татари во руската армија и заканите за слободата на говорот, слободата на изразување и слободата на вероисповед,
· жалниот обид на Руската Федерација и нејзините полномошници да лажираат демократски алатки и механизми, како што се неодамнешните таканаречени референдуми во регионите на Украина, со цел да се фалсификуваат политички и правни факти и да создадат основа за нелегитимното барање на Руската Федерација да ги припои териториите што ги окупираше, слично како во случајот со Крим,
· тековната милитаризација на Кримскиот Полуостров од страна на Руската Федерација, која ја поткопува безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Црното Море, ја нарушува слободата на пловидба во Азовското и Црното Море, предизвикувајќи неподносливи загуби не само за економијата и земјоделскиот сектор на Украина, но и за глобалните резерви на храна,
· пријавените обиди за нелегален шверц на украдено украинско жито од привремено окупираните региони на Донбас во трети земји,
· пречките за навигациските права и слободи што се користат во согласност со меѓународното право, вклучително и попречување на слободното минување на бродови низ Керченскиот теснец до и од Азовското Море и поширокиот регион на Црното Море, што има негативни економски последици за пристаништата на Украина и меѓународните трговски текови,
· континуираната промена на демографската структура во привремено окупираниот Крим со преселување на руски граѓани и протерување на проукраинските активисти од Полуостровот.
Учесниците изјавуваат дека:
· ќе продолжат со политичка, дипломатска, финансиска, хуманитарна и друга поддршка за Украина, во согласност со соодветните процедури и правната јурисдикција на секој учесник, со цел враќање на територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, истовремено зголемувајќи го притисокот врз Русија да стави крај на нејзината привремена окупација на Крим,
· ќе ги спроведат на парламентарно ниво одлуките на Инаугуративниот самит на Меѓународната кримска платформа преку консолидирање на заедничките напори, меѓу другото, преку:
– целосно спроведување и зајакнување на политиката на непризнавање на илегалната анексија на Крим и соработка во меѓународните форуми;
– континуирано зајакнување на ефикасноста на постоечките рестриктивни мерки против Русија и подготвеност да се разгледа нивно понатамошно проширување, во согласност со соодветните процедури и правната јурисдикција на секој учесник, доколку развојот на настаните во Украина бара такво дејство;
– промовирање на регионалната безбедност и заштита на слободата на пловидба;
– почитување на човековите права и меѓународното хуманитарно право;
– надминување на негативното влијание на привремената окупација на Крим врз економијата, културните и образовните права на Украинците и домородните луѓе – вклучително и кримските Татари – и врз животната средина.
· ќе земат предвид ефективни и добро координирани активности во економската и еколошката сфера насочени кон ублажување на влијанието на привремената окупација на Крим,
· ќе размислат за формирање на постојан меѓупарламентарна комисија на Меѓународната кримска платформа, која би можела да обезбеди експертиза на националните и меѓународните партнери, да информира и на национално ниво и на меѓународните платформи за реалната состојба во привремено окупираниот Крим,
· ќе развијат ефикасен механизам за формулирање, секогаш кога е можно, заеднички позиции што треба да се презентираат на меѓупарламентарните собранија и за елаборирање на заеднички документи за безбедноста, човековите права, културното наследство, заканите за животната средина итн., предизвикани од привремена окупација на Крим,
· ќе ја повикаат Руската Федерација веднаш да престане со тековните напори за промена на демографската структура на привремено окупираниот Крим преку преселување на руски граѓани,
· ќе се залагаат на национално ниво за соодветна политичка, дипломатска, хуманитарна, финансиска и друга поддршка за Украина, која е жртва на руската агресија,
· ќе работат со меѓународни парламентарни собранија како што се Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на НАТО, Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка и Арапскиот парламент, за да се усвојат резолуции за поддршка на Парламентарниот самит на Меѓународната кримска платформа како алатка за консолидирање на меѓупарламентарните напори насочени кон деокупација на Крим и градот Севастопол и обновување на територијалниот интегритет на Украина.