Заедничка граничка контрола на преминот Долно Блаце кон Косово

Денеска профункционира заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на граничниот премин кон Косово Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура со која е воспоставен функционален систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола. Премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста по повод пуштањето во употреба на системот истакна дека осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.

„Денес симболично, но и суштински ја поместуваме границата помеѓу проблемите и решенијата, помеѓу застојот и движењето, помеѓу бирократијата и ефикасноста. На најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид, границата може и треба да биде наш заеднички мост, кој поврзува луѓе, идеи и можности, преку кој се зборува за доверба, соработка, економска соработка, развој на културата и туризмот“, рече Мицкоски.

Тој порача дека денешниот чекор е повеќе од билатерана политика и е дел од поголема слика, како што рече, слика во која целиот Западен Балкан се движи во иста насока кон Европската унија.

Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проект од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово. „Основањето заеднички гранични премини се повеќе од гранична инфраструктура и тие претставуваат нови точки на соработка и сервис кои ги поврзуваат уште повеќе нашите народи и ги зајакнуваат нашите добрососедски односи“, рече Курти, посочувајќи дека концептот на преминот е доказ за поголема довреба меѓу двете држави.

Само во 2024 година над пет милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока, наведе Курти.