Владите на Северна Македонија и Бугаријаденеска во резиденцијата „Бојана“ во Софија ќе одржат заедничка седница на која е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи.
Седницата следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Скопје и Софија, претходно ги формираа работните групи – економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.
Ковачевски и Петков денеска ќе имаат воведно обраќање пред почетокот на состаноците на работните групи, по што ќе остварат тет-а-тет средба, а четирите работни групи ќе имаат паралелни состаноци.
По завршувањето на состаноците предвидено е потпишување на неколку билатерални договори.
Ковачевски вчера со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија, а потоа двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот воин и на Светите браќа Кирил и Методиј.
Премиерите Ковачевски и Петков присуствува и на отворањето на прес-центарот на Медиумската информативна агенција – МИА во Софија, каде оценија дека, овој прес-центар и шест дена претходно отворениот на БТА во Скопје, претставуваат важен чекор во насока на унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји
Премиерот Ковачевски во обраќањето на отворањето нагласи дека е задоволство кога нешто се работи и кога тоа дава резултати.
„Не е значајно само тоа што имаме прес-центри на двете главни државни новински агенции, туку уште позначајно е што ќе има агенции што ќе споделуваат информации, кои се веродостојни и кои ќе ги одразуваат добрите односи меѓу двете држави“ – рече Ковачевски.
Бугарскиот премиер Петков нагласи дека се радува што со Ковачевски ја одржуваат само втората средба, а веќе почнаа да доаѓаат резултати од новиот приод во соработката.
„Од сега натаму ќе биде вака. Секоја недела очекуваме реални, конструктивни резултати“ – нагласи Петков.
Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Ковачевски и Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо, со цел да се отвори патот за решавање на потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија.