Заев со пораки до Мицкоски и Мицотакис: Веќе го спроведувате договорот од Преспа, бидете практични за подобра иднина на двете земји

„Оптимист сум секогаш и се трудам да бидам и сега. Ќе ја искористам конференцијава да испратам јасна порака за идниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Тој никогаш не се закани дека ќе го поништи Договорот од преспа, потврди дека тој ќе остане. Исто така јавно кажа дека ќе го користи писмено името Северна Македонија, но нема да го кажува“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина додавајќи дека ако не го користи името Северна Македонија, Мицкоски ќе го крши законот, Уставот и меѓународниот договор.

Тој додаде дека Мицкоски треба да биде лидер и да го следи уставот и законите и како што најави дека ќе го користи офицјиално името на државата, да го употребува секаде.

„Исто така пораката за Мицотакис – бидејќи ја поддржува Северна Македонија на нашиот пат кон ЕУ, тој видливо се бореше за интеграција на Северна Македонија и цел Западен Блкан. Исто така и економската соработка се зголемува меѓу двете земји, а и Грција го штити нашето небо. Тоа се трите меморандуми, кои ги спроведува, но не ги ратификува“ рече Заев.

Тој му порача на Мицотакис да ги ратификува меморандумите кои се за заштита на небото над Северна Македонија, работа на економската соработка и помош за Северна Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ.

„Тоа веќе и се прави. И двајцата треба да бидат практични за подобра иднина на двете земји“ рече Заев.