Македонскиот Претседател Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ објективно го лимитира нејзиниот потенцијал. Ова се вели во реакцијата испратена од неговиот кабинет.
Од таму велат дека Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива.
Од неговиот кабинет велат дека ставот на Претседателот во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев.
Премиерот, пак, Зоран Заев, денеска во изјава за ТВ21 рече дека е изненаден од првиот човек на државата кој вчера од Косово рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е фалична.
„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“ вели Заев.
Тој додава и дека во минатото сме виделе што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан.
„Особено неразбирливо е кога ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните. Во Македонија Претседателот на државата нема никакви ингеренции во делот на олеснување на царинските процедури, во делот на воведувањето One Stop Shop премини за брз проток на границите, во делот на признавање на работни дозволи и дипломи. Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“ посичи Заев.