Заев и Гаши ќе ја потпишат програмата за влегување на Алтернатива во Владата
Претседателот на Владата, Зоран Заев и првиот човек на Алтернатива – Африм Гаши се очекува денеска да ја потпишат програмата за заедничко дејствување и приклучување на опозициската партија во Владата и парламентарното мнозинство.
Според најавите, Заев и Гаши ќе ги обелоденат ресорите кои ќе ги преземе Алтернатива.
Одлуката дека Алтернатива ќе биде дел од владината коалиција ја донесоа синоќа во Тетово на седница на Цантралниот совет.
Портпаролот на партијата рече дека „Причина за влегување на Алтернатива во Владата е историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евроинтеграција на целиот регион“.
Пред да биде донесена одлуката за коалицирање, имаше три средби на Гаши со премиерот Заев. По последната средба во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.