Заев и Гаши едногласни: Има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши денеска ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Тие нагласија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада, што значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.

„Постигнавме договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи. Нема стабилност со вонредни избори. Затоа вонредни избори нема да има за да има стабилност. Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза“ рече Заев.

Тој упати порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија.

„Во С. Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство. Подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство помеѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“ порача Заев.

Во пораката до народот, Заев наведе дека почеток на преговорите ни треба веднаш.

„Европеизација веднаш, европеизација постојано. Тоа е наша заложба на која ќе работиме со полн капацитет. Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем стабилни“ рече премиерот.

Партијата Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи министер за здравство, министер за ИОА и министер без рестор задолжен за дијаспората. Владата, како што рече, ќе воведе неколку министри без ресор, со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство.

Алтернатива ќе преземе одговорност и во менаџирањето на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво. Меѓу нив од поважните се МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово, Агенција за странски инвестиции и други.

Африм Гаши ги престави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма.

„Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир“ – беше реќемо на прес-конференцијата.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година.