Заев за оставката на Ципрас: Чин на одговорност пред членството на Сириза и грчкиот народ

Поранешниот премиер, Зоран Заев се огласи за оставката на Ципрас по изборниот дебакл. Според него оставката е чин на преземена одговорност пред членството на Сириза и пред грчкиот народ.

-Од врвни демократски политичари како него треба да се очекува токму тоа, искрена борба за цели и идеали, но и отчетност и одговорност, изјави Заев.

Тој додаде дека ваквите промени на политичката сцена треба да се гледаат како моменти за пресврт, за промислување, за нови стратегии и планови, за иноваци и креации.

-Ципрас веќе е препознаен како историска личност на современата грчка и европска политика. Тој е демократски левичарски капацитет кој ги инспирираше левичарите, социјалистите и социјал-демократите во регионот и пошироко. Сигурен сум дека неговото визионерство, широкоградост и мудрост ќе продолжат да нѐ инспирираат без разлика на неговата оставка. И тука не треба да има простор за големи разорачувања. Алексис е тука, здрав, жив, витален и сигурен сум дека ќе изнајде безброј други начини да продолжи да придонесува кон приниципите на солидарноста и соработката и кон јакнење на грчкото и европското социјал-демократско семејство. Од денешна перспектива, сигурен дека Договорот од Преспа немаше да беше можно да се создаде со било кој друг грчки актуелен современ политичар. Оттука, големината на Ципрас не исклучителна само поради креативноста и квалитетот на решенијата од договорот, туку и поради контекстот, историјатот и околностите на балканската и европската политичка мапа изминативе 30-ина години. Знам дека нема потреба особено да го охрабрувам Алексис, но еве и јавно ќе порачам дека после крајот на една ера секогаш доаѓа нова, а ние, современите социјалдемократи, секако ќе бидеме витален дел од одбраната на демократијата и во новата ера, каква и да е – рече Заев