Доскорешниот лидер на СДСМ – Зоран Заев во пресрет на новогодишните празници на сите граѓани им упати честитка со желби Новата 2022 година да им донесе многу остварувања и достигнувања исполнети со здравје, радост и со среќа.
„Почитувани мои сограѓани, на крајот од 2021 година и пред почетокот на идната, сакам уште еднаш да ви испратам најубави желби и да се заблагодарам за довербата што ми беше дадена. Јас верувам дека лидерството треба да произлегува од довербата, а не од силата. Останувам непоколебливо уверен дека заедно со Вас, со огромно мнозинство на народот во 2017 година зад нас ги оставивме најцрните страници од нашата независност до денес и дека ги отворивме бескрајните можности за нашата земја и за сите нас“ – напиша Заев на Фејсбук.
Тој посочи дека е уверен во тоа дека заедно со граѓаните е припадник на една генерација којашто, како што се наведува, не е само дел од историјата, туку дека сме автори на некои од нашите најважни историски страници од македонската сегашност и македонската иднина.
„Се изборивме да нѐ прифатат како држава со јасен национален идентитет затоа што македонската граѓанска идеја е во секој пулс на срцето на секој Македонец и секоја Македонка и на секој еден граѓанин на нашата заедничка Северна Македонија. Со поглед свртен кон иднината постигнавме членство на нашата суверена држава во НАТО како најсилен воено-безбедносен сојуз на демократските и прогресивни земји и со отворена покана за членство во Европската Унија“ напиша Заев.