Заев до Груевски: Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис. До свидания Никола!
Поранешниот премиер Зоран Заев денеска упати јавно обраќање до неговиот претходник Никола Груевски, реагирајќи на последните негови активности и објави од бегство. Во текст објавен на социјалните мрежи, Заев со критички тон му се обрати директно на Груевски, обвинувајќи го дека „не знае што да прави со самиот себе“ и дека „од далечина дели задачи“ на своите партиски следбеници.

„Тебе навистина ти е досадно, нели? Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш. Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе“, пишува Заев, додавајќи дека Груевски и понатаму врши влијание врз своите поранешни соработници: „Овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, контролата од далечина ти е малку тешка“.
Во објавата, Заев тврди дека Груевски можел да ја одлежи затворската казна „малку што му ја дале“, нагласувајќи дека тој, за разлика од него, не се мешал во правосудството. „Да ја одлежеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност, наместо од бегство да пишуваш епопеи“, наведува тој, алудирајќи на долгите објави на Груевски за кои, како што вели, „тука се тера мајтап дека никој не сака да ги дочита до крај“.
Заев дополнително го нарече Груевски „неуспешен и поразен боксер“ и го обвини дека „се капе во украдените пари на граѓаните“. За себе, пак, вели дека по пет години политичка пензија сè уште секојдневно е споменуван: „Толку ли комплекси сте си натовариле?“
Со ироничен тон, Заев му порача на Груевски да „си најде хоби“: „Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш, оти безобразно и развратно крадеше. Туку да си најдеш некое занимање да ти ‘годи’ додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?“
Заев се осврна и на шпекулациите поврзани со Русија: „Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис“. Објавата ја завршува со зборовите: „До свидания, Никола. Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО.“