Екс-премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот портал „Ајидисис“ порача дека Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди и го претвори проблемот во решение. Тој смета дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е на прилично високо ниво.
„Ги видовме премиерите Ковачевски и Мицотакис пред некој ден во Делфи на заедничка, конструктивна пријателска средба. Уверен сум дека граѓаните и политичките сили кои сакаат пријателство и соработка наместо изолација и конфликт се сериозно побројни и подоминантни во споредба со оние другите, и тоа во двете држави“ рече Заев.
На прашањето за Договорот од Преспа, одговара со прашања:
„Дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „Дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „Дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“
„Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди“ – истакнува Заев.
За одлуката да си поднесе оставка, објаснува дека „тоа беше сосема исправен и одговорен потег кој покажа и покажува што значи да се чуе гласот на народот и што значи и во најтешките моменти да се придонесува кон политичките вредности за кои се борел и се бори СДСМ“.
„Демократските, европските и вредностите на солидарноста мора да бидат на пиедесталот. И кога се соочувате со одлуката да изберете меѓу себе и вредностите за кои сте се бореле целиот ваш живот, тогаш одлуката мора да биде во корист на вредностите и во корист на зачувување и развој на се она што сте постигнале низ годините. Многумина ми рекоа дека во вакви ситуации најтешко е да се износиш со сопственото его. Јас, фала му на Бога, немав никаков предизвик да го сторам тоа“ – објаснува Заев.