Поранешниот премиер, Зоран Заев, преку својот профил на Фејсбук се обрати до учесниците на денешниот собир на Маркова Нога во Преспа, на македонско-грчката граница.
Заев порача дека очекува што поскоро отворање на граничниот премин на Маркова Нога, што е една од обврските од Договорот од Преспа.
„Драг Stratos Vasilopoulos, драги пријатели од Грција, упатувам огромна благодарност за вашата иницијатива и за поканата да се сретнеме на преминот Маркова Нога и во исто време се извинувам што поради неодложни обврски не успеав да бидам со вас денеска. Оваа порака ја упатувам и во име на моите пријатели од струмичкиот мото-клуб. Како поддржувач на политиките на отвореност, добрососедство и поврзување, го споделувам вашето очекување што поскоро да се отвори граничниот премин Маркова Нога што нашите две пријателски држави го презедоа како обврска од Договорот од Преспа“,
Отварањето на граничниот премин Маркова Нога, додава тој, е наша обврска кон сегашноста и иднината – ова е вистинското и крајно време да ја срушиме неприродната блокада на природниот тек на брегот на Преспанското езеро.
Очекувам дека во најбрз можен рок ќе се завршат неопходните инфрастурктурни интервенции и дека многу скоро ќе се најдеме таму на официјалното отворање на преминот што ги поврзува двете страни на Преспа, посочи Заев.