„По војната започната од Русија ќе има радикални промени, не само во европската, туку и во светската политика“. Ова во интервју за државната МИА го вели украинската амбасадорка во земјава – Наталија Задорожњук.
За барањето на Украина за брз прием во ЕУ Задорожњук вели дека Киев сега работи на тоа брзо да ја помине специјалната процедура и Украина да стане членка на ЕУ.
„Се зависи од политичката волја на Европа, на што работи Киев. Европската Унија сега презема чекори без преседан за поддршка на Украина. Ќе го почекаме одговорот на Европската комисија“ – вели таа.
Според Задорожњук, со цел прекин на воените дејствија од страна на Русија, потребни се остри санкции и обезбедување оружје, како и затворање на небото над Украина.
„Фајненшел тајмс“ објави нацрт во кој е прикажано барањето на руската страна. И ништо повеќе. Украинската страна има свои позиции. Единственото нешто што го потврдуваме во оваа фаза е прекин на огнот и повлекување на руските трупи“ вели амбасадорката.
Во врска со санкциите и дали тие се вистинското решение за решавање на конфликтот, Задорожњук вели:
„Ефективно решение се состои од два фактори – обезбедување оружје и остри санкции. Навремено обезбедување на Украина со потребното оружје за одбрана. Витално ни е потребно да го затвориме небото бидејќи путинскиот фашистички режим со своите ракети, бомбардирања, уништува цивилна инфраструктура, гранатира станбени области, користи артилерија, ракетни фрлачи со повеќе цевки и балистички проектили, користи забрането оружје, фрла фосфатни бомби. Уништени и разурнати се околу 4.000 цивилни инфраструктурни објекти, меѓу кои 500 образовни институции (детски градинки, училишта, институти), болници (околу 200), храмови, театри и музеи“.
„Банкротот за Русија е неизбежен, руската економија веќе е во рецесија за многу години, просечната стапка на развој на руската економија до 2029 година се проценува на еден отсто, финансискиот систем паѓа катастрофално, запрено е тргувањето на Московската берза“ – потенцираа таа.