Загинати во престрелка во христијанско училиште во САД

Најмалку шест лица, од кои три деца, се убиени во престрелка во приватно христијанско училиште во главниот град на  Тенеси, Нешвил.

Полицијата пристигнала на местото на настанот, го забележала напаѓачот на вториот спрат од училишната зграда и го усмртила. Идентитетот на напаѓачот засега не е познат, но според полицискиот извештај кој го пренесе Си-ен-ен, се работи за 28-годишна жена.

„Тројца ученици и тројца возрасни членови на персоналот од училиштето ‘Ковенант’ беа смртно застрелани од напаѓачот идентификуван како 28-годишна жена од Нешвил“, објави полицијата.

Пожарникарите соопштија дека на местото на настанот пронашле „многу повредени“. На родителите на учениците им било кажано да се соберат во блиската црква.

„Засега знаеме дека загинаа тројца ученици и тројца возрасни. Работиме на идентификување на жртвите. Вклучувајќи го и напаѓачот, најмалку седум лица загинаа во инцидентот“, изјави полицаецот Дон Арон.