Неколку илјади Срби од северот на Косово се собраа во центарот на Митровица, бидејќи Приштина насилно ги пререгистрира возилата со регистарски таблички на РКС, поради што сите Срби ги напуштија косовските институции, пренесуваат медиумите во регионот.
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, истакна дека Србите денеска се собрале да испратат порака дека има доволно угнетување.
„Вчера ги поднесовме нашите оставки, но сега сакам јавно да ви ги вратам мандатите, вие не избравте нас, а не Приштина. Се собравме да испратиме порака дека има доволно угнетување на Србите на Косово“, нагласи Ракиќ.
Пред насобраните се обрати и командантот на северниот регион на косовската полиција Ненад Ѓуриќ.
„Мој славен и напатен народе, денес да застанам пред вас не само што е голема чест, туку и привилегија што се одразува во делата на нашите предци и во очите на нашите деца“, кажа Ѓуриќ.
Како што рече, „спиевме и сонувавме многу години верувајќи во сон што некој друг ќе ни го создаде“.
„Наеднаш се разбудивме. Се разбудивме од лажен сон“, изјави Ѓуриќ.