Заврши протестот на кој денеска, по осми пат, граѓаните побараа отфрлање на францускиот предлог за деблокирање на почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Со транспаренти „Ултиматиум, не благодарам“ и „Сепак, ние ќе победиме“, граѓаните се упатија од Владата преку Министерството за правда до Собранието, скандирајќи „оставка“ и пеејќи патриотски песни. Беа испратени пораки за национално обединување и за масовност на протестите.
Учесниците на протестот со македонски знамиња и предводени од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица се движеа од Владата кон Министерството за правда до Собранието како крајна дестинација. Протестите се одржуваат секој ден со исклучок на саботата кога не се одржаа поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам и во петокот кога незадоволството беше изразено преку блокади во Скопје и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.
Протестниот марш денеска се одвиваше мирно, а за утре е најавен нов протест во 19 часот.