Заврши постапката по јавниот тендер за трет мобилен оператор, конечната одлука по изборите

По одлуката за завршување на постапката директорот на АЕК, по завршување на Локалните избори закажани за 19. следниот месец, треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач.

Агенцијата за електронски комуникации објави дека заврши постапката по јавниот тендер за доделување радиофреквенции за трет мрежен оператор во државава, на кој што единствен понудувач е „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“. По одлуката за завршување на постапката директорот на АЕК, по завршување на Локалните избори закажани за 19. следниот месец, треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач.

– По јавното отворање на понуди на 22 август, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање изготви извештај со соодветен предлог со директорот на АЕК. Согласно Законот за електронски комуникации во рок од три дена од приемот на извештајот директорот носи одлука за завршување на постапката по јавен тендер со јавно наддавање. Следен чекор е по завршување на изборниот процес директорот да донесе одлука за избор на најповолен понудувач, информираа за МИА од АЕК.

Во Одлуката што ја објави АЕК на својата веб страница се наведува дека согласно член 138 став 2 од Законот за електронските комуникации, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz состави Записник за постапката на отворање на понуди по Јавен тендер со јавно наддавање со архивски број 0201-1103/24 од 22.08.2025 година и врз основа на член 139 став 3 од Законот за електронските комуникации, достави Извештај од извршено разгледување на понуди со архивски број 0201-1103/26 од 27.8.2025 до директорот.

– Имајќи предвид дека со Извештајот од извршено разгледување на понуди од Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.х GHz број 0201-1103/26 од 27.08.2025 година е утврдено дека се јави само еден понудувач, согласно член 140 став 4 од Законот за електронските комуникации, директорот донесе Одлука дека постапката по Јавниот тендер со јавно наддавање е завршена, се вели во Одлуката