
Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го завршија општиот претрес по Предлог-буџетот за 2023 година. Од среда почнуваат со амандманската расправа во рамките на која треба да се разгледаат 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
И денеска на третиот ден од општата расправа власта и опозицијата беа со спротивни ставови за Предлог-буџетот. Мнозинството порача дека проектираните буџетски ставки ќе овозможат економско заздравување и справување со последиците од енергетската криза, а за опозицијата, пак, предложениот буџет е историски највисок, инфлаторен и расипнички.
Тони Јарчевски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор рече дека се грижи оти земјава се движи кон банкрот со нивото на задолжување кое го имаме во моментов.
-Сега некако избоксувавме кредит од ММФ – добар, лош, во која група сте биле не е ни важно и како сте го добиле. Но, тоа е чекор пред ангажман, а постарите колеги овде нека ви кажат што значи стенд бај ангажман со ММФ. Тогаш се што велиме ние државата ќе мора да го преземе двојно порадикално. Дури тогаш ќе знаеме да го стегнеме ременот, да испуштаме луѓе од работа, да кратиме трошоци со цел да преживееме, посочи Јарчевски.
Нагласи дека ќе ни биде потребен идентичен период за да се вратиме на нула колку оној што ни беше потребен за да се задолжиме.
Лидија Тасевска од СДСМ посочи дека целта на Предлог-буџетот за 2023 година е ублажување на последиците од енергетската криза, обезбедување непречено финансирање на евроатланските интеграции и исполнување на НАТО стандардите.
-Со него се поставува основа за економско заздравување и забрзување на економскиот раст, рече Тасевска.
Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своето обраќање оцени дека Предлог-буџетот е прегломазен и инфлаторен.
-Со него дополнително ќе ни се зголемат дефицитот и јавниот долг. Приходите во него се зголемуваат за една милијарда евра, а расходите за 1,1 милијарда евра. Ова е сигурен сигнал дека во многу скоро време сите потенцијални кредитори ќе се откажат од нас затоа што ќе станеме неспособни за понатамошни задолжувања, укажа Стојаноска.
Посочи дека Светска банка вели оти нашата држава е меѓу првите десет земји во светот со највисока реална инфлација кај храната.
Со нејзиното излагање заврши општиот претрес за Предлог-буџетот за 2023 година по што претседателот на Комисијата Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за во среда во 11:00 часот кога треба да започне амандманската расправа за Предлог-буџетот.