Забрчанец: Поддржете ги критичките медиуми, без нив демократијата паѓа

Комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец во емисијата „Стадион“ на Канал 77 нагласи дека независните и демократски ориентирани медиуми се клучни за општество што сака да биде навистина европско и демократско.

Комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец во емисијата „Стадион“ на Канал 77 нагласи дека независните и демократски ориентирани медиуми се клучни за општество што сака да биде навистина европско и демократско.

Тој посочи дека токму овие медиуми обезбедуваат проверени информации, критички осврт кон власта и опозицијата и плурализам на ставови, поради што заслужуваат јасна и видлива поддршка од компании, донатори и влијателни чинители, а не да бидат оставени сами на себе во борбата со пропагандата.

Забрчанец предупреди дека во услови на засилени авторитарни и деструктивни влијанија во регионот, кои се служат со манипулации и внесување конфликти во општеството, независните медиуми се последната одбрана од дезинформациите и поделбите. Според него, овие центри на моќ ја користат слабоста на институциите и ниската медиумска писменост за да поттикнат недоверба во демократските процеси и во европската перспектива, што го прави уште поважно постоењето на домашни медиуми што работат во јавен интерес, а не во интерес на пропагандните структури.

Осврнувајќи се и на меѓународната поддршка, тој потсети дека укинувањето и слабеењето на клучни програми за поддршка на демократијата претставува сериозен удар врз медиумскиот сектор и организациите за човекови права. Забрчанец оцени дека во ситуација кога таквите фондови се намалени или згаснати, станува уште поитно домашните бизниси, европските програми и другите влијателни актери свесно да ги поддржуваат медиумите кои критички и одговорно ја информираат јавноста.