На рускиот антивоен активист Петер Никитин, основач на Руското демократско општество, не му е дозволен влез во Србија и покрај тоа што има добиено постојано живеалиште во Белград.
Никитин, од белградскиот аеродром за ТВ Н1 соопшти дека се наоѓа таму од синоќа откако се вратил од одмор во Португалија.
– На пасошка контрола на аеродромот синоќа после три ипол чата чекање ми кажаа дека Безбедоносно-разузнавачката агенција (БИА) одлучила да не ме пушти да влезам во Србија.
Издадено ми е решение со кое ми се наложува да се вратам во Франкфурт со првиот авион.
Јас немам што да барам во Франкфурт, живеам во Белград, одбив да го исполнам тој налог и засега останувам на аеродромот, порача Никитин.
Тој посочи како ќе се обиде да ја подигне јавноста, да ангажира адвокати и да направи се за да му се дозволи да се врати дома.
На прашањето што пишува во решението за забрана за влез во Србија, кое му е врачено, Никитин вели дека му е забранет влез во земјата, поради тоа што му е забранет влез во Србија.
– Значи забрането е затоа што е забрането, иронично забележа Никитин и подвлече дека има постојано живеалиште во Србија, па затоа не може да му се забрани влез во земјата без претходно да се откаже од постојаниот престој.
„Тоа е апсолутно незаконско решение и нема да се предадам“, рече Никитин.
Тој рече дека не смета на помошта од амбасадата на Руската Федерација, но посочува и дека е државјанин на Холандија, и дека ќе стапи во контакт со дипломатското претставништво на таа земја во Србија.
– Ќе ги известам сите. Ова е мојот дом, тоа што отворено ги кажувам моите ставови, дека сум противник на политиката на Владимир Путин, тоа не е причина да не ме пуштат дома, заклучи Пeтер Никитин.