Погледот со дрон над Долна Јабланица, сведочи за ужасот во една од областите погодени од поплавите во Босна и Херцеговина, откако обилните дождови рано на 4 октомври предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето.
Досега се пронајдени најмалку 15 тела на загинатите во Херцеговина и три тела во централна Босна.
Меѓу десет и петнаесет се водат за исчезнати во областа Коњиќ и Јабланица, изјави за РСЕ Дарко Јука, раководител на Одделот за односи со јавност на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што рече, „претпоставката е дека меѓу исчезнатите има и такви кои не се жители на тоа подрачје, бидејќи настрада голема транзитна зона“, јавува Радио Слободна Европа.
Состојбата во подрачјата погодени од поплавите Јабланица и Коњиќ во Босна и Херцеговина не е променета, ноќта помина мирно, без нови поместувања на копното и без дополнителни закани.
„Водостоите на реките се стабилни“, соопшти денеска (6 октомври) Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК), повикувајќи се на информации од Штабот за цивилна заштита на ХНК.
Во соопштението се наведува дека спасувачите се на терен и дека продолжува потрагата по настраданите, како и активностите за воспоставување на сообраќајната, телекомуникациската и електроенергетската инфраструктура.
Во Коњиќ е воспоставен сообраќаен коридор кон селото Бутуровиќ Поље, каде спасувачките служби можат да користат една лента.
Во БиХ денеска се одржуваат локални избори, освен во пет општини на ФБиХ поради поплавите