Најпрестижниот светски фудбалски трофеј е во Скопје, во рацете на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Се работи за златниот пехар на ФИФА, кој е наменет за победникот на Светското првенство кое што ќе се одржува во Катар.
Легендата на бразилскиот фудбал Жилберто Силва во придружба на Пендаровски го открија пехарот. Бразилецот рече дека му е мило што е во Македонија, каде што сите го сакаат фудбалот.
„Драго ми е што сум тука во земја каде луѓето го сакаат фудбалот. Фудбалот е инспирација за животот, кој дава надеж, дава верба. Македонија беше многу блиску до Светско, беше на чекор, не се пласира, треба да продолжите да сонувате и со напорна работа да се стремите кон следното СП. Тоа што бевте близи дава надеж и мотивација и инспирација за во иднина“ – рече Силва.
Пендаровски, пак, порача дека се надева оти еден ден истиот пехар ќе заврши во рацете на капитенот на македонската фудбалска репрезентација.
„Драго ми е што е тука, што сме една од малкуте земји“ – додаде тој.
Скопје и Македонија првпат се дел од ваква турнеја на пехарот, која е петта откако „Кока Кола“ е спонзор на турнејата.