Жељазков: Мицкоски треба да најде начин да се извини

Аналогијата на Мицкоски за глушецот и лавот бугарскиот премиер им ја остави на познавачите на Езоп. Тој бара политичка зрелост.

Напнатоста меѓу Софија и Скопје не попушта туку изгледа дека се зголемува. По острата реакција на бугарското министерство за надворешни работи за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски околу аналогијата за глушецот и лавот, денеска се јави со оценка и премиерот Росен Жељазков.

„Наративот и изразот на премиерот Христијан Мицкоски ќе им бидат оставени на познавачите на Езоп. РС Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни преземените обврски“, рече бугарскиот премиер по денешното гласање за недоверба на неговиот кабинет.

„Колегата Мицкоски треба да најде начин да се извини“, го советуваше Жељазков македонскиот премиер.

Според Жељазков, многу луѓе во Бугарија не се задоволни од постигнатиот компромис во 2022, но политичката зрелост бара да се спроведе она што е договорено. „Довербата во овие времиња е многу кревка“, рече тој.

Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Македонија, но целосно врз основа на спроведувањето на обврските од договорот од 2022 година и Договорот за добрососедство.

Бугарското Министерство за надворешни работи синоќа реагираше на серијалот обвинувања од македонските политичари за обид за „геноцид“ на нашата нација, за обезличување, за уништување и слично, оценувајќи ги како крајно навредливи и непријателски кон нивната држава. Повод беше повикувањето на бугарскиот амбасадор во македонското МНР за да му се изрази протест поради именувањето на нашиот премиер како „северномакедонски“ од страна на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Горгиев.