Жерновски: Мицкоски нема капацитет да ја приближи Македонија кон ЕУ

„Што побрзо сфатиме дека ние сите, односно нашата држава е, всушност, жртва на ваквата владина политика, толку побрзо ќе го фатиме приклучокот. И обратно“ напиша Жерновски.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на панелот за проширување на ЕУ на Бледскиот стратешки форум, изјави дека Црна Гора и Албанија би можеле до 2028, односно до 2029 година да станат наредните членки на Европската Унија.

На ова реагираше Андреј Жерновски.

„Ова е директно демонтирање на владината стратегија која трае во континуитет 15 месеци откако раководи со државата“ напиша Жерновски.

Тој посочи дека, наместо да ја приближи Македонија до ЕУ, актуелното раководство ја убедува јавноста дека процесот е блокиран и дека нема смисла да се продолжи по тој пат.

„Поради немање желба и капацитет да ја приближи Македонија до ЕУ, гласниот Мицкоски и безгласниот Муцунски позади завеса ја уверуват домашната јавност дека процесот на проширување на ЕУ е блокиран и дека по тој пат веќе не вреди да се оди“ истакна Жерновски.

Тој додаде дека оваа теза се сервира „во дежурната обланда дека никој не не сака и дека ние сме жртви на разни домашни, соседски, регионални и континентални конспирации“.

„И додека овој двоец ја шири таа приказна за наводниот блокиран процес, другите држави околу нас брзо напредуваат кон Брисел и се подготвуваат за членство во Унијата“ предупреди Жерновски.

Според него, единствени жртви на оваа политика се самите граѓани.

„Што побрзо сфатиме дека ние сите, односно нашата држава е, всушност, жртва на ваквата владина политика, толку побрзо ќе го фатиме приклучокот. И обратно“ напиша тој.