Жените „невидливи“ на раководните позиции во спортските организации

Иако родовата еднаквост е дел од стратегиите на мнозинството спортски организации, бројките покажуваат дека жените остануваат маргинализирани на раководните позиции. Истражувањето „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ открива дека само 13 проценти од претседателските позиции во спортските федерации ги заземаат жени, а квоти за родова застапеност постојат во едвај 13,3 отсто од организациите. Овој феномен го потврдуваат и авторките на истражувањето, кои го посочуваат недостигот на поддршка, културните бариери и институционалните пречки како клучни фактори што ги ограничуваат жените во спортскиот сектор.

Иако родовата еднаквост е дел од стратегиите на мнозинството спортски организации, бројките покажуваат дека жените остануваат маргинализирани на раководните позиции. Истражувањето „Родова еднаквост и инклузивност во спортот во Северна Македонија“ открива дека само 13 проценти од претседателските позиции во спортските федерации ги заземаат жени, а квоти за родова застапеност постојат во едвај 13,3 отсто од организациите. Овој феномен го потврдуваат и авторките на истражувањето, кои го посочуваат недостигот на поддршка, културните бариери и институционалните пречки како клучни фактори што ги ограничуваат жените во спортскиот сектор.

Истражувањето кое опфаќа 30 национални федерации открива дека мажите доминираат во генералните собранија со 83 проценти и извршните тела со 77 отсто застапеност. Во него стои дека поголемиот дел од организациите немаат ефективни механизми за вклучување на жените, а родовата еднаквост, иако често наведена во стратегиските документи, ретко кога се имплементира во пракса.

Културата на исклучување, недостигот од јавни конкурси, ограничените можности за обука и професионален развој, како и општата нечувствителност кон родовите прашања, создаваат непријателска клима за жените. Сето тоа се рефлектира уште од најрана возраст, кога девојчињата имаат ограничен пристап до спортски активности – тренд што продолжува и понатаму во нивната кариера.

Силвија Митевска, експертка за родова еднаквост во спорт и авторка на истражувањето, вели дека по завршувањето на кариерата, голем дел од спортистките гледаат можност да продолжат со работа во спортскиот сектор, ниту пак да го развиваат својот потенцијал во раководни улоги.

– Културолошките бариери се оние суптилни, многу често индиректни општествени очекувања и норми и уверувања со кои што се соочуваат спортистките. Низ разговорот со нив видовме дека тие го чувствуваат и го подразбираат спортскиот сектор како доминантна машка средина и на тој начин се едноставно обесхрабрени, дури се чувствуваат и небезбедни да бидат вклучени во спортскиот сектор. По завршување на кариерата не гледаат услови, ниту пак средина каде што ќе можат да го развиваат потенцијалот и да останат да работат во спортскиот сектор. Така што, овој вид на бариери и ризик-фактори кои што се навистина најпредизвикувачки да се променат затоа што се производ на генерации на норми, верувања, воспитување итн, се едни од факторите кои што ги кочат жените да имаат поголем пристап и до спортот генерално, а особено до раководните позиции во спортските средини, вели таа.

Таа нагласува дека отсуството на женски лидери во спортот создава дополнителна бариера за младите спортистки.

-Ние знаеме дека луѓето можат многу полесно да се идентификуваат со тие што ги гледаат на одредена функција. Нас ни е потребен позитивен пример на жени на раководни позиции, жени во улога на тренери, директори, затоа што низ разговорот со младите спортистки увидовме дека доколку тие тоа не го гледаат, не можат да го препознаат патот кој што ги води до таму. Не можат да се препознаат себе си на тие функции. Така што, велам дека споделувањето на добрите практики и позитивни примери на жени на раководни позиции ќе направат одредена промена и кај самите девојки и во самиот спортски сектор. Без овие позитивни примери, овие културолошки бариери и општествени очекувања остануваат зацементирани и многу тешко се искоренуваат, дополнува таа.

Родовите квоти привремено решение за системски проблем

Истражувањето препорачува воведување на минимум 40 проценти родова застапеност во спортските управни тела како услов за државно финансирање. Според Бојана Јовановска, авторка на истражувањето и експертка за родова еднаквост, квотите за родова застапеност се ефективен механизам за корекција на децениската нееднаквост.

-Воведувањето на законски обврзувачки квоти за родова застапеност е најдиректен механизам за постигнување структурни промени во спортските тела. Притоа, на воведувањето на квоти не треба да се гледа како „позитивна дискриминација“, туку како времен инструмент за корекција на долготрајните структурни нееднаквости што спортскиот систем сам по себе не успева да ги надмине.  Конкретно, потребно е да се започне од воведување на законска обврска за родова застапеност со измена на Законот за спорт, и да се предвиди дека сите национални спортски федерации, Олимпискиот и Параолимпискиот комитет, како услов за регистрирање и/или државно финансирање, мора да обезбедат минимум 40 отсто застапеност на секој род во своите управни тела (претседателство, извршни комитети, управни одбори), објаснува Јовановска.

Таа вели дека е неопходно не само воведување на квоти, туку и системска промена во начинот на селекција на раководни кадри.

– Исто така, потребно е да се воведат родово-сензитивни изборни процедури во спортските организации, што ќе значи дека спортските организации ќе мора да усвојат изборни процедури што промовираат еднаков пристап на жените до кандидатура за раководни позиции (на пример, паритетни листи или номинации по род). За да се обезбеди дека квотите не остануваат само бројки, туку се преточуваат во вистинско лидерство, потребни се и програми за обука, менторство и развој на женско лидерство во спортот. И секако, да се воспостави тело или механизам за надзор, со овластувања да спроведува мониторинг на застапеноста и да изрекува мерки во случаи на непочитување на законските обврски, објаснува Јовановска.

Силвија Митевска, исто така, вели дека квотите се едни од најпрогресивните мерки кои треба задолжително да се спроведат.

– Знаеме дека генерално во нашето општество и во спортскиот сектор имаме некаков вид на отпор против овие родови квоти, меѓутоа, родовите квоти се привремено временско решение. Тие се решение да ја исправат децениската неправда и сите оние бариери со кои што се соочуваат жените од самото раѓање, од самиот пристап или недостиг на пристап до спорт, па понатаму низ нивната спортска кариера, вели таа.

Митевска нагласува дека доколку постојат случаи кога и маж и жена подеднакво ги исполнуваат критериумите за избор, би требало да се користат афирмативни мерки и да се одбере жена со цел разноликост и различни мислења вклучени во процесите на донесување на одлуки.

Спортистките се „тркаат“ со пречки поради недостиг на регулативи за родова еднаквост

Истражувањето покажува дека законската рамка во земјава не предвидува конкретни мерки за унапредување на родовата еднаквост во спортот.

Јовановска вели дека иако имаме усвоено закони за спречување дискриминација и промовирање еднакви можности, спортската регулатива останува неусогласена со овие принципи.

– Главните правни предизвици за ефективна имплементација на родовата еднаквост во спортот произлегуваат од системската неусогласеност на спортското законодавство со принципите на еднаквост и недискриминација. Иако постојат општи закони за спречување дискриминација и еднакви можности, во спортската регулатива недостигаат конкретни одредби што би ја обврзале застапеноста на жените, особено во раководните структури. Дополнително, постојната рамка нема механизми за следење, санкционирање или поттикнување на спортските организации да преземаат активности за унапредување на родовата еднаквост, вели таа.

Дополнително, таа потенцира дека недостигот на нормативни интервенции само ја репродуцира постојната состојба.

-Нема обврска за собирање родово разделени податоци, ниту се предвидени квоти за застапеност, што значи дека државата нема ефективни инструменти ниту за мониторинг ниту за интервенција. Она што е значајно да се напомене е дека културните и структурните бариери во спортскиот сектор се рефлектираат и во неговото законско регулирање кое само ја репродуцира општествената состојба наместо активно да ја трансформира. Спортот отсекогаш се перципира како машка домен, и сѐ уште прилично цврсто се одржува таа перцепција, што влијаело и влијае и на тоа како се пишуваат и спроведуваат законите, дополнуваа таа.

Таа вели дека постојните законски регулативи во земјава не ги адресираат доволно потребите за родова застапеност во спортот. Иако земјата има обврска според меѓународни договори како што се Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) и Истанбулската конвенција, овие обврски се уште не се прецизно пренесени во спортската регулатива.

-На пример, Законот за спорт не содржи специфични одредби за промовирање на родова еднаквост, соодветни квоти за застапеност на жените или обврска за родово одговорно планирање на буџети. Ова создава простор родовата нееднаквост да продолжи како практика, без простор за системска корекција, посочува таа.

Јовановска нагласува дека националното спортско законодавство треба да помине низ суштинска трансформација доколку сака да биде усогласено со меѓународните стандарди за родова еднаквост и инклузија, но, нагласува дека усогласувањето не подразбира само формално прифаќање на меѓународните договори, туку нивна интеграција во секојдневната практика на спортските институции.

– Во суштина, најпрво е неопходно да се вгради обврската за почитување на принципите на еднаквост и недискриминација директно во Законот за спорт и во сите поврзани подзаконски акти. Родова еднаквост не смее да биде спомната како општ принцип, туку треба да биде разработена преку конкретни мерки, цели и индикатори, на пример, со задолжителна застапеност на жени на раководни позиции, задолжително родово-сензитивно финансирање и развој на програми за женски спорт. Истовремено, мора да се создаде систем за редовно собирање и објавување на родово и интерсекциски сегрегирани податоци за спортското учество, лидерство и финансирање. Без податоци, нема основа за реална проценка на постигнатото, ниту за креирање ефективни политики. Усогласувањето, подразбира отворање на спортот за сите, што значи да се обезбедат еднакви можности за жените, девојките, лицата со попреченост, етничките малцинства, ЛГБТИ+ заедницата и сите други маргинализирани групи. Ваква интеграција бара и политичка волја, како и промена на спортскиот систем одвнатре, вели таа.

Дел од општите препораки од истражувањето вклучуваат спроведување истражувања за родовата еднаквост и попреченоста во спортот, јавни кампањи и обуки за подигање на свеста и соработка со граѓански организации и развој на инклузивни спортски програми.

Препораките за креаторите на политики се воведување задолжителна родова застапеност од минимум 40 отсто, усогласување на спортското законодавство со меѓународните стандарди, буџетска поддршка за женски спорт и спорт за лица со попреченост и систематско собирање и објавување на родово раздвоени податоци.

За спортските организации препораките се усвојување политики за родова еднаквост и инклузија, обуки и менторски програми за жени, особено по завршување на спортската кариера и обезбедување пристапна инфраструктура и флексибилни услови за работа.

Истражувањето спроведено од Силвија Митевска, Бојана Јовановска и Елена Кочоска е изработено од Македонскиот Олимписки Комитет, во соработка со партнерите на проектот „Фер игра: Поддршка за родова еднаквост во спортските политики“.

Во него се користени комбинирани квантитативни и квалитативни методи, како што се онлајн анкети, структурирани интервјуа и фокус-групи, за да се идентификуваат структурните и културните бариери со кои се соочуваат жените во пристапот до раководни позиции во спортските организации.