Полициски службеници од Полициската станица Неготино, денеска дошле на домашната адреса на новинарката Вики Клинчарова од ,,Фокус” за да извршат службен разговор, поради како што кажале Предупредување поради поплака од страна на жената која пред три дена во центарот на Неготино со автомобил удри 11-годишно дете, пишува „Фокус”.
Од МВР, за „Фокус“ само накратко одговориле дека одделот за внатрешна контрола ќе го испита случајот и дека ќе бидат преземени соодветни мерки, а новинарката случајот како што им било кажано, треба да го пријави во Внатрешна контрола. „Фокус“ пишува дека според Предупредувањето кое полициските службеници го доставиле на новинарката за потпис, а кое таа не го потпишала, жената возач, која инаку не е именувана во текстот, барала новинарката да биде предупредена дека објавила невистинита содржина за случената сообраќајка.
Реакција со осуда за настанот пристигна од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде побараа одговорност од службениците и поведување на дисциплинска постапка.
„ЗНМ смета дека постапката на МВР да се предупредуваат новинари поради објавен текст е непримерна, несоодветна и непотребна , бидејќи на тој начин се врши притисок врз слободата на изразување на новинарите. Бараме одговорност од полициските службеници кои ги злоупотребиле своите овластувања да одговараат за истите, односно против нив да биде поведена дисциплинска постапка“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Од ЗНМ воедно велат дека ќе поднесат претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, со што ќе се бара одговорност за прекршување на полициските овластувања и додаваат дека очекуваат санкции за одговорните лица што е можно поскоро.