Со лажни вести од политчки или други мотиви, посебно пред избори има обиди да се девалвираат институциите и одредени личности, но се нанесува штета на државата, вели министерот Спасовски, за вчерашната лажна вест дека на Детската клиника во Скопје исчезна бебе.
Тој потсети дека и во претходните изборни циклуси се отвораа теми за мигранти, за грабнување на деца и други активности кои предизвикуваат страв кај граѓаните.
„Кога доаѓа време за избори, во Северна Македонија ни с случуваат вакви работи мотивирани од одредени структури и личности. Не мора да се само политички мотивации, може да се и од други аспекти“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
МВР во координација со обвинителството, вчера го расчисти случајот со исчезнатото дете, а по сите преземени мерки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава, а жената со иницијали Л.А кој го пријави настанот, е лишена од слобода
„Се направија проверки на Клиниката за гинекологија и акушерство, се направи проверка на Детската клиника и кај матичниот гинеколог на пријавителот. Се утврди дека е лажна вест лицето е приведeно и ќе понесе одговорност. Апелирам со вакви работи кои предизвикуваат немир, неспокој кај граѓаните, да не се служиме бидејќи ќе има жестока реакција од институциите“, вели Спасовски.
Информацијата дека исчезна 5 месечно бебе од Клиниката за детски болести ја пренесоа некои медиумите откако за случајот се пишуваше и на социјалните мрежи. Сепак, Спасовски смета дека извор на ваквите лажни вести не се медиумите.
„Ова не е работа што ја шират медиумите и медиумските работници, туку социјални мрежи, политичари, политичките партии и од секој можен аспект гледаат како да направте некаква штета“, рече Спасовски.
Минатата недела, обвинителството поведе постапка против 20-годишен скопјанец кој лажно пријави грабнување на малолетничка. Признал дека го измилсил настанот водејќи се од лажни објави кои се споделуваат на социјалните мрежи за наводни киднапери.