Жан Митрев со 1 милион евра гарантира дека нема да бега

Доктор Жан Митрев пред еден месец дал гаранција од 1 милион евра дека нема да избега од земјава како осомничен во истрагата која неодамна ја отвори скопското Обвинителство.
Претходно му беше одземен и пасошот, исто така поради опасност од бегство, соопшти денеска на брифинг со новинарите, шефот на скопското Обвинителство Гаврил Бубевски.

Против Митрев е отворена истрага под сомнение за измама на пациенти. Поради опасност од бегство на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев во август му беше одземен пасошот.

Според Бубевски, досега се сослушани 80 отсто од пациентите кои пријавиле дека се оштетени.

„Зголемени се мерките за присуство и покрај патната исправа од осомничениот е дадена гаранција дека нема да избега во готов износ од 1 милион евра во Кривичниот суд и цениме дека со овие мерки е обезбедено присуство на обвинетиот“, рече Бубевски.

Осомничениот, како што соопшти Јавното обвинителство, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД-19 со методот на хемофилтрација.