
Жан Митрев, сопственик на истоимената приватната Клиника чие лекување на ковид-19 пациентите беше цел на новинарско истражување прво на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а потоа и формална истрага на Јавното обвинителство, денеска ја „изведе“ својата одбрана пред јавноста.
Вели, наводите во документарецот „Нечиста крв“, кои покренаа реакција од институциите, се невистинити
ИРЛ во својот документарец, во кој се емитуваат и делови од интервјуто со самиот Жан Митрев, откри дека методот на хемофилтрација кој ги користела Клиниката „Жан Митрев“ практично е на ниво на клиничка студија и дека приватната болница не ги пријавувала бројните интрахоспитални инфекции до надлежните, иако била обврзана да го прави тоа.
Во периодот од јуни 2020 до февруари 2022 г. во Клиничката болница „Жан Митрев“ се лекувани вкупно 1 738 пациенти со ковид-19. Од нив, само 625 пациенти (35,9%) биле третирани со хемофилтрација. Ова се дел од податоците кои Жан Митрев, доктор но и сопственик на истоимената приватна Клиника, ги употреби во својот јавен настап насочен контра медиумскиот но и интересот на Јавното обвинителство во работењето на неговата болница.
Поводот за денешниот настап е стар околу четири месеци. На средината на јули Истражувачката репортерска лабораторија објави новинарски документарен филм во кој беа приложени изјави од сведоци, документи, ставови од институции па и од самиот Жан Митрев – дека приватната болница дебело наплаќала за т.н. хемофилтрација при лечење на болни од ковид-19, а таа метода ем била клиничко испитување, ем не била пријавена пред надлежната Агенција за лекови (МАЛМЕД).
Денеска, Митрев тврдеше дека никогаш не тврдел дека имаат лек за коронавирусот, туку дека тие само ги лекувале компликациите кои настануваат од вирусот. Во тој контекст, методот на хемофилтрација бил ист како и претходно, кога започнале со употреба во 2008 г. односно тешко болните биле лекувани на ист начин и немало промена на пристапот на лекување. Ги демантираше тврдењата дека овој метод на лекување е неефикасен.