
Жан-Клод Јункер: Трамп и Путин сакаат разединета Европа
- Трамп не ја познава доволно Европа. Од историска гледна точка, САД го поттикнувале европското обединенување. Претседателот Трамп не е запознаен со европскиот систем на институции, исто како што многу Европејци не го разбираат начинот на донесување на заедничките одлуки во ЕУ, додава Јункер, кој денес е неформален советник на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Поранешниот претседател на Европската комисија (2014–2019) Жан-Клод Јункер изјави дека и американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин би сакале Европа да биде разединета, па затоа е потребно поголемо европско единство.
Јункер смета дека Трамп навистина верува во тврдењето дека постоењето на ЕУ е против интересите на САД.
– Трамп не ја познава доволно Европа. Од историска гледна точка, САД го поттикнувале европското обединенување. Претседателот Трамп не е запознаен со европскиот систем на институции, исто како што многу Европејци не го разбираат начинот на донесување на заедничките одлуки во ЕУ, додава Јункер, кој денес е неформален советник на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Тој истакна дека би било лесно да се каже дека постигнатиот трговски договор со САД можело да биде подобар, но не ги критикува своите наследници на раководната позиција во ЕК. Според него, Комисијата била под притисок од некои европски земји да ги заврши преговорите со Вашингтон побрзо, за да се избегнат потешки последици. Јункер смета дека Трамп бил свесен за ова и ја искористил разединетоста во ЕУ по ова прашање.
– Не мислам дека бевме наивни кога се обидувавме да воспоставиме подобри односи со Русија. Се сретнував многу пати со претседателот Путин и дури би рекол дека станавме пријатели. Не можев ни да замислам дека Русија ќе ја нападне Украина. На вечерата пред војната одржав предавање во кое реков дека Путин никогаш нема да посегне кон Украина. Добро е што на тоа предавање немаше меѓународни медиуми, додава Јункер.
Според него, неопходно е еден ден Европа и Русија да имаат заеднички систем за безбедност. Постигнувањето на мир во Украина, според Јункер, е во рацете на Русија, но овој момент сè уште е далеку.
Јункер се сеќава дека уште при својата прва посета на Овалната соба, тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, инсистирал Европа да направи повеќе во областа на одбраната. Овој повик потоа бил повторен и од претседателите Џорџ Буш Помладиот и од Барак Обама. Кога е во прашање Трамп, тонот се промени и тоа создаде впечаток дека тој е првиот кој го поставува ова прашање, објаснува Јункер.
Во европското општество постоеше недоразбирање за тоа зошто треба повторно да се вооружиме, откако ги собравме плодовите на мирот по настаните од 1990-тите. Беше полно со демонстрации против зголемувањето на воените трошоци, но сега начинот на размислување се промени, оценува тој.
Според него, на Европа честопати ѝ недостасува трпение за постигнување големи и долгорочни цели. – Ако сакаме нашиот глас да се чуе во меѓународните односи во иднина, мора да воведеме дисциплина во нашите говори. По ова прашање, се чини дека штотуку излегуваме од пубертет, резимира Јункер.