Мухамед Зекири, сега веќе екс-генералниот секретар во Владата ќе остане во притвор, во истражниот затвор „Скопје” во Шуто Оризари, бидејќи денеска Кривичниот совет го потврди решението на судијата на претходна постапка.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалба на одбраната на осомничениот М.З. во однос на решението на судија на претходна постапка, денеска одржа јавна седница во присуство на странките, по која ценејќи ги фактите приложени во жалбата, донесе решение со кое го потврди решението на претходна постапка со измени во основите кои постојат за определување на мерката притвор“ – информираа од Кривичниот суд.
Кривичниот совет ја укинал точката три, односно можноста осомничениот Зекири да го повтори делото, но не ја променил одлуката и не му одредил поинаква мерка.
“Односно, советот го преиначи решението на претоходна постапка на начин што ја укина точка 3 од чл. 165 ст.1, односно можност обвинетиот да го повтори делото“ – велат од Судот.
Обвинителството во петокот информираше дека е отворена истрага против сега веќе поранешниот генерален секретар на Владата и двајца хрватски државјани, за наводна штета на Буџетот од речиси 1 милион евра.
Поточно истрагата е отворена поради сомнеж за незаконски договор за консултантски услуги, кој се однесувал на приватизација на „Македонски Пошти“.