ЕУ ќе ја поддржи Војската на Црна Гора со шест милиони евра

– Оваа мерка за помош е конкретен резултат на континуираниот ангажман на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната со Црна Гора и со Западниот Балкан во целина. Таа го одразува и целосното усогласување на Црна Гора со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ. 

Советот на ЕУ денеска донесе одлука преку Европскиот мировен механизам да и додели помош на Црна Гора во износ од шест милиони евра, наменети за потребите на црногорските Вооружени сили.

Овие средства ќе бидат искористени за подобрување на националната безбедност, стабилност и отпорност во одбранбениот сектор и за зајакнување на капацитетите на Војската на Црна Гора, меѓу другото и за нејзино учество во операции и мисии во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, како и во други меѓународни коалиции.

– Оваа мерка за помош е конкретен резултат на континуираниот ангажман на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната со Црна Гора и со Западниот Балкан во целина. Таа го одразува и целосното усогласување на Црна Гора со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Денеска одобрената помош предвидува снабдување на Војската на Црна Гора со опрема за екстремно студено време, за хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни одбранбени операции и за пребарување и спасување, како и техничка обука за нејзино користење.

Европскиот мировен механизам е основан во март 2021 година со цел финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.

Преку Европскиот мировен механизам, ЕУ финансира активности за зајакнување на воените и одбранбените капацитетите на држави кои не се членки на Унијата и на регионални и меѓународни организации.