Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска ја повика Кина да ги „искористи сите средства“ за да ја убеди Русија да го почитува меѓународното право, неколку дена пред самитот на Групата 20 најиндустриски развиени земји во светот и земји во развој (Г20) посветен на конфликтот во Украина.
„Ги охрабруваме кинеските власти да ги искористат сите средства што им се на располагање за да ја убедат Русија да ги почитува меѓународно признатите граници и да го почитува суверенитетот на Украина“, рече Мишел.
Тој престојува во Пном Пен, каде денеска и утре учествува на самитот на лидерите на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Мишел потоа ќе отпатува на индонезискиот остров Бали на самитот на Г-20, на кој ќе присуствува и кинескиот претседател Си Џинпинг.„Важно е во овој брутален момент од човечката историја да постои меѓународна соработка и Г-20 ќе биде уште една можност да се погледнеме во очи“, рече Мишел и додаде дека е потребна соработка со земјите кои имаат различни политички ставови, но веруваат дека меѓународното право треба да биде заштитено.
Од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари, лидерите на ЕУ неколкупати ја повикаа Кина јавно да ги осуди постапките на Русија.